Миодраг Мицковиќ: Мојата прва и последна средба со Аиртон Сена
2 мај 2024
- Добив шанса да се видам на само и да поразговарам со бразилскиот ас во „Формула 1“ речиси десетина минути. Вториот ден од мојот престој во Есторил, шетајќи меѓу боксовите каде се паркирани болидите, го здогледав Сена. Седеше во оградениот простор покрај неговиот голем автобус, специјално опремен, една речиси подвижна куќа, со салон, бања, спална соба и што сè немаше внатре.
- Знаев дека Сена како и секој Бразилец е голем љубител на фудбалот, затоа со себе носев едно големо знаме на ФК Вардар, две три негови значки и шалче. Држејќи ги во рацете храбро тргнав кон Сена, покажувајќи им го на обезбедувањето знамето на Вардар. Не зборував ништо, што да кажам, не знам португалски. Сена ме погледна, го гледаше знамето на Вардар и им рече да ме пуштат, мислеше дека сум некој фудбалски функционер, прашувајќи ме од кој клуб е знамето.
- Му се претставив дека сум од Македонија, од една нова во тоа време самостојна држава, дека знамето е од Вардар, шампионот на Македонија и дека сакам да му го подарам бидејќи знаев дека е голем љубител на фудбалот. Сена го однесе знамето на Вардар во својата „подвижна куќа“, видов дека во неа имаше знаменца од Милан, Интер, Јувентус, Порто, Спортинг од Лисабон, меѓу нив се најде и на Вардар, пишува Мицковиќ за Екипа.мк